Промоција на безбедна училишна средина
Коалиција на младински организации СЕГА во партнерство со Македонскиот Центар за Граѓанско Образование, Прва Детска Амбасада во Светот МЕЃАШИ и СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации, со поддршка од Детската Фондација Песталоци, го спроведува проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.
Цел на проектот: Придонес кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина.
Очекувани резултати:
– подобрена имплементација на законските одредби за ученичко учество во процесите на донесување одлуки и заштита на децата;
– зајакнати капацитети на основните и средните училишта за превенција и справување со насилство;
– примена на наставни методи и техники кои поддржуваат и промовираат заштита, учество и еднакви можности за сите ученици и ученички.
Со цел јакнење на капацитетите на основните училишта за превенција и справување со насилството во нашето училиште се реализирани 3 работилници со членовите на ученичкиот парламент.
На ден 21.11.2023 година се одржа првата работилница на тема ,,Комуникациски вештини”.
Учениците се запознаа со вербална и невербална комуникација, канали и пристапи за комуникација помеѓу членовите на парламентот и останатите ученици, начини на пренесување на информации, учениците се информирани за стандарди за функционалност на парламентот.
На ден 27.11.2023 година претставниците на Ученичкиот парламент учествуваа на втората работилница на тема “Истражувачки методи и алатки”.
Учениците се запознаа со истражувачките алатки во училишниот живот (анкета, интервјуа и др.) интернет алатки за подготовка на конкретна анкета врз основа на дефинираните теми (ставови и перцепции помеѓу учениците, предлози за активности). На работилницата учествуваа членовите на Ученички парламент-претседателите и нивните заменици од секоја паралелка од VII-IX одделение.
На ден 05.12.2023 година претставниците на Ученичкиот парламент учествуваа на третата работилница на тема “Развивање на ученички проект/иницијатива”.
Учениците имаа можност да се запознаат со клучните елементи за проектна апликација.
За време на работилницата учениците самостојно подготвија “Апликација за ученичка иницијатива”, односно нацрт ученички проект кој содржи неколку активности во насока на превенција и справување со насилство, дефинираа типови и ресурси потребни за спроведување на иницијативата
Работилниците ги реализираше доделен ментор за нашето училиште Александра Петровска.
Ситни ама битни: Нов пристап кон обука за безбедност на храна
Во нашето училиште во соработка со Институтот по Биологија-Катедра за микробиологија и микробна биотехнологија под менторство на проф. д-р Наталија Атандова Панчева се спроведе проект СИТНИ АМА БИТНИ: НОВ ПРИСТАП КОН ОБУКА ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА
Главната цел на проектот е преку иновативни, едукативни методи да се информираат младите потрошувачи за хигиената и безбедноста на храната и да се подготват едукативни материјали кои ќе им помогнат на наставниците во продолжување на споделување на знаењето за безбедност на храна и нивно користење во наставната програма. Активностите на проектот се состојат од:
1. Евалуација на ставовите на потрошувачите за безбедност на храна преку прашалници,
2. Едукативни предавања за „корисни“ и „штетни“ микроорганизми,
3. Реализирање на експерименти,
4. Изработка на иновативни, едукативни материјали,
5.Сумирање на резултати.
Овој иновативен метод вклучува генерирање, усвојување, имплементација на знаењето и отпочнување на тренд за кревање на јавната свест.
Здравјето и безбедноста на учениците се директно под влијание на знаењето за безбедноста на храната. Преку соодветни обуки, програми и прашалници, знаењето за здрава исхрана се зголемува. Согласно, овој проект би овозможил создавање на материјал како дел од наставните програми кои наставниците понатаму би можеле да ги користат во наставата.
Едукативни предавања во рамките на проектот се реализираа во првото полугодие во учебната 2023/24 год, во рамките на часови по биологија/природни науки.
Одговорен наставник по биологија и Природни науки: Донка Митева
Креативна работилницата „Дизајнерско размислување за решавање предизвици во училиштата“
На 14.3.2024 година тимот на СмартАП – лабораторија за социјални иновации во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ рализираше креативна работилницата „Дизајнерско размислување за решавање предизвици во училиштата“ на која учествуваа учениците, наставниците и стручни соработници од ООУ „Лазо Ангеловски“ од Аеродром, Скопје, ООУ „Магдалена Антова” од Куманово, ООУ „Војдан Чернодрински“ од Карпош, Скопје и ООУ „Браќа Миладиновци“ од Илинден, Скопје.
Целта на оваа работилница, е учениците да се запознаат со процесот на дизајнерско размислување што ќе го применат во решавање различни предизвици од нивната училишна средина.
Успешен парламент
Градењето на безбедна училишна средина започнува со промовирање и директно запознавање на учениците со нејзините основи и фундаметални карактеристики.
ООУ “Лазо Ангеловски” е едно од најголемите училишта на територијата на (град) Скопје и воопшто во Македонија. Училиштето имаше потреба од дополнителен безбеден училишен престој за реализација на слободните активности на учениците и нивното дружење.
Во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ во партнерство со Coalition of youth organizations SEGA, Прва детска амбасада Меѓаши / First Children’s Embassy Megjashi и МЦГО – Македонски центар за граѓанско образование / MCEC и СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации на 02.04.2024 год. се спроведе активност на која присуствуваа 74 ученици кои со помош и поддршка на менторот на училиштето, Александра Петровска, создадоа безбедно училишно катче наменето за потребите на ученичкиот парламент за одржување средби односно состаноци, а воедно и за сите ученици.
Постерот кој е специјално дизајниран и подготвен од еколошки материјали, ја потенцира целта на проектот и истиот може да се користи како табла на која се пишува и брише за потребите на состаноците на ученичкиот парламент.
Останатите ученици ќе можат да го користат овој простор во слободно време за размена на идеи , да дебатираат и безбедно да се дружаат. Идејата на ученичкиот парламент е да си направи свое катче во еден дел од училиштето кој ќе се користи за потребите на учениците.
Одреден тим на номинирани ученици, кои се членови на секцијата по информатика за време на активноста беа задолжени за дизајнирање и лепење на постерот ,членовите на ликовната секција со помош на наставникот и дел од родителите при реализацијата на активноста го оплеменија просторот со цртање на соодветни додатоци кои беа во контекст на творење на ликовни творби на тема „Безбедна училишна средина“. За време на активноста биолошката секција засади автохтони растенија односно дрва кои истовремено се прочистувачи на воздухот и истите ќе ги одгледуваат и одржуваат. Просторот ќе се користи и за изведување на еколошки експерименти.
Веднаш по уредувањето на просторот претставниците на ученичкиот парламент одржаа состанок во нивното уредено катче при што изработија записник така што го напишаа во електронска форма, го испечатија и го објавија на огласната табла.
За ова катче направивме анкета во која го поставивме прашањето! Дали ни е потребно катче за ученичкиот парламент? Според одговорите 70% од учениците се согласија со идејата.
Им благодариме на учениците, наставниците и стручните соработници за активното учество во оваа активност и им посакуваме успешно раководење на училишниот парламент и на сопствените училишни предизвици во насока на градење на безбедна училишна средина за сите.
Интеркултурна размена во детско село Песталоци- Троген, Швајцарија
Во периодот од 02-18.04.2024 година осум ученици од нашето училиште и психологот Аделина Давидовска престојуваа во Троген, Швајцарија како дел од интеркултурната размена во рамките на проектот “Безбедна училишна средина”. За време на двонеделниот престој учениците посетуваа многу работилници на кои се обработуваа теми како: детски права, дискриминација, климатски промени, идентитет, стереотипи, комфорна зона, тимска работа и употреба на медиуми. Нашите ученици имаа можност да се запознаат и да работат заедно со ученици од Србија и Швајцарија, да разменуваат идеи и искуства и да ги прошират своите знаења. Покрај учество во работилниците учениците го посетија градот Цирих како и врвот Хохер Кастен и уживаа во панорамскиот поглед на Алпите. Како дел од нивната посета беше и градот Луцерн, водопадите на Рајна и природно-научниот музеј на Технорама. Учениците подготвија своја радио емисија на македонски јазик која се емитуваше на тамошната локална радио станица.
Дисеминација на активности од интеркултурна размена во Швајцарија
Во текот на месец мај во нашето училиште се спроведоа работилници од страна на учениците кои беа дел од интеркултурната размена во Швајцарија во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“. Целта на работилниците беше да се пренесат искуствата и знаењата на останатите ученици во нашето училиште. На работилниците учествуваа ученици од седмо и осмо одделение. Темите кои беа опфатени на работилниците беа тимска работа , комфор зона, прифаќање на различности и ефикасна соработка и комуникација.
Политика за заштита на деца
Една од компонентите на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, поддржан од Детската фондација Песталоци, е поддршка на институционалните капацитети на училиштата за развивање на функционална и применлива политика за заштита на деца од злоупотреба и насилство (политика = процедура, протокол, упатство).
За таа цел во нашето училиште на 24.06.2024 година беше реализирана работилница на која учествуваа помошник директорката, стручните соработници и наставниците, а се однесува на дополнителна едукација или доразработување на одредени области од протоколот од страна на Филипина Негриевска, која има долгогодишно искуство во полето на детските права и заштита на децата.