За нашиот Патрон

Биографија за Лазо Ангеловски

Лазо Ангеловски (с.Граждено, Преспа, Леринско, 10 август 1925 – Лерин, 19 август 1948) бил истакнат учесник во македонското националноослободително и комунистичко движење од Егејска Македонија. Тој е еден од основоположниците на македонската просвета во Егејска Македонија во периодот на Граѓанската војна во Грција.

Лазо Ангеловски завршил основно училиште и гимназија на грчки јазик. Во 1944 година преминал во Битола. Во ноември истата година го посетува курсот за учители на македонски јазик во Битола, а потоа е назначен за учител во село Смилево. Кон крајот на 1946 година е поставен за управник на детскиот дом ,,Мерџан’’ во Тетово, а подоцна на домот за сирачиња во Скопје. Истовремено, бил член на Одборот на народна просвета при министерството за просвета на Народна Република Македонија.

Иако веќе имал обезбедено почеток на солидна функционерска кариера и сигурен живот во Народна Република Македонија, во почетокот на 1948 година доброволно се вратил во Егејска Македонија, каде била во тек Граѓанската бојна. Таму, најпрво бил назначен за управник на курсот по македонски јазик што се одржувал во село желево, а потоа и за просветен инспектор на слободната територија. Ја вршел и функцијата секретар на Окружниот одбор на народната власт во Леринско.

Во почетокот на август бил заробен во близина на селото Буф. По повеќедневно мачење на 19 август 1948 година, врзан за воен џип, бил влечен по улиците на Лерин се додека не починал.

АРХИВА НА НАСТАНИ
Skip to content